Марина Крстиќ

Марина Крстиќ е родена 1982 година во Куманово каде сѐ уште живее и работи. Основно и средно образование завршува во Куманово, а Филозофскиот факултет во Скопје. Уште од рана возраст е внесена во светот на уметноста, преку нејзината мајка која ја носи скоро на сите изложби и уметнички настани кои се одржуваат во градот. Тоа полека ѝ го трасира патот кон уметничката фотографија. Како учесник на еден семинар „SeeU in motion“ во 2003 г., се запознава со професионални фотографи од Белгија и од Франција, по што ѝ се раѓа идејата и самата таа да заплови во тие води. Но, на таков потег се одлучува дури една деценија подоцна. Во 2013 година се запишува на курс по фотографија, којшто го води Владимир Јовановски во Фото-кино клуб „Козјак“ во Куманово. Во 2014 година, заедно со дваесетина љубители на уметничка фотографија, го основаат Фото клуб „Куманово“. Фотографирањето го перципира како можност да ја искаже приказната на оние коишто тоа не го можат. Фокална точка ѝ се луѓето во просторот и во времето во кое се наоѓаат, било по своја или по туѓа вина. Интересен пристап има и кон фотографирање на архитектурата. Експериментира и со концептуална фотографија, преку која ги изразува своите најдлабоки мисли и чувства. Учествува во повеќе од педесет интернационални и домашни салони, на кои има добиено многу награди и признанија. Прва самостојна изложба насловена како „Делфинографија“ ја остварува во клупските простории во рамките на Малинскиот фото фестивал во 2016 година. Во 2017 година е прогласена за фотограф на годината во Куманово, а во 2018 година е избрана за претседател на Фото клуб „Куманово“. Таа е една од организаторите на Малински фото фестивал и „Жените и фотографијата“. Учествува како член на жири-комисии во Турција, Египет, Куманово и во Кратово.

Speaker Details