За Малински Фото Фестивал

Фестивалот на фотографија „Малински“ ја слави петтата јубилејна година од своето појавување како идеја за еден поинаков настан кој ќе ја слави фотографијата како уметност, а притоа спојувајќи ги сите љубители на фотографијата на едно место и со една цел – враќање на оваа уметност во центарот на модерното живеење.
Се покажа дека идејата за еден ваков настан како „Малински“ е полн погодок, кој ја возобновува нарушената фотографска традиција во Македонија, спојувајќи на едно место автори од повеќе делови од светот, кои несебично се одзваа на нашата покана да придонесат во збогатувањето на репертоарот на фестивалот со свои фотографии, изложби, презентации и предавања, со тоа обезбедувајќи разноличност и богатство од содржини кои се плод на нивното фотографско искуство и долгогодишна посветеност на полето на фотографската уметност.
Би сакал да им се заблагодарам на сите фотографи кои зедоа учество во овој фестивал и да ја нагласам нашата благодарност за несебично споделеното богатство од фотографии и идеи кои го облагородуваат овој фестивал, кој и во иднина ќе опстојува со една цел – да ја врати фотографската уметност на високиот пиедестал во општеството.
Би сакал да ја изразам мојата благодарност и до членовите на фото клуб Куманово, од каде и се изроди идејата за ваков настан, за нивната посветеност во реализацијата на фестивалот, одделувајќи од своето лично време, за една универзална и безвременска идеја, за која ни за момент не покажаа сомнеж дека е вредна за нивната посветеност и преданост.
Им честитам на наградените во меѓуклупската изложба „Круг“, и им благодарам на сите фотографи од фото клуб „ФОРМАТ“ и фото клубот „Куманово“, кои се осмелија да настапат храбро во еден меѓусебен натпревар на уметничка фотографија, со тоа покажувајќи дека се желни и спремни да излезат од сенката на анонимноста, борејќи се секој да ја презентира својата идеја како достојна да завземе трајно место во историјата на македонската фотографија.
Оваа година Фестивалот на фотографијата „Малински“ го отвараме со стамена идеја, и силна надеж дека само сплотени можеме да успееме во витлите на времето, а овој настан ќе заслужи да го нарекуваме замокот на фотографското единство, кој ќе опстојува низ годините надживувајќи не нас, но истовремено одржувајќи го жив споменот на нашиот скромен придонес во зародишот на една ваква благородна и безвременска идеја.
На сите наградени, учесници, помошници и поддржувачи во реализирањето на овој фестивал, како и на сите посетители и љубители на фотографијата, со длабок наклон им благодарам за нивното издвоено време и внимание, без кое „Малински“ ќе останеше само убав неодсонуван сон.
Владимир Јовановски